
Лапорта откри: Барселона одбила 200 милиони евра за еден свој фудбалер
Последните години, пред се токму поради финансиските проблеми, од Ла Масија во првиот тим беа повлечени многу фудбалери и некои од нив покажаа дека имаат голем потенцијал. Меѓу нив и Ламин Јамал кој иако има само 16 години, веќе е меѓу носителите на играта на Барса. Досега има шест постигнати голови и седум асистенции, а неодамна го продолжи договорот со каталонскиот гигант до 2026 година.
Претседателот на клубот Жоан Лапорта тврди дека на адреса на Барселона стигнала понуда од 200 милиони евра за Јамал, сума која би решила многу проблеми, но менаџментот категорично ја одбил.
„Добивме понуда од 200 милиони евра, но знаете што направивме? Ја одбивме. Веруваме во ова момче и неговиот спортски развој, а освен тоа не ни требаат пари. Напротив, во процес сме на финансиско заздравување и веќе се гледа излезот на крајот од тунелот. Одбивме понуди и за Балде, Фермин, Гави, Педри, Де Јонг, Араухо… само од нив ќе имавме приход од една милијарда евра“, рече Лапорта.
Тој одби да каже кој клуб понудил толку пари за Јамал, но гуруто за трансфери Фабрицио Романо објави дека станува збор за ПСЖ.