КУРТИ: Српскиот динар не е официјално „забранет“ на Косово, Србите нема да бидат казнети
Косовскиот премиер Албин Курти вели дека динарот не е забранет.
„Српскиот динар не е официјално „забранет“ на Косово, туку само еврото е законско средство за комерцијални трансакции“, изјави Курти во интервју за новинската агенција Франс прес.
Вели дека косовските Срби нема да бидат казнети затоа што држат српска валута.
„Ние не ги забрануваме српските динари, луѓето можат да имаат српски динари, но единственото средство за плаќање во Косово е еврото“, рече Курти за АФП.
Возило со српски динари наменети за пензии и плати на косовските Срби денеска не стигна во Лепосавиќ и беше вратено од граница.
Десетици илјади луѓе низ 10 општини зависат од пензиите, платите и социјалните бенефиции деноминирани во динари што ги распределува Србија. Америка ги обвинува властите во Косово за непотребно подигање на етничките тензии.
Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, денеска изјави дека ЕУ не се плаши од статус кво ситуација во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Според Стано дијалогот продолжува, но Брисел стравува дека луѓето би можеле да бидат губитници, особено поради едностраните одлуки и однесувањето на Приштина.