
Курти порача дека француско-германскиот предлог е само почеток, но не и конечен договор
Француско-германскиот предлог е основен, а не конечен договор, вели косовскиот премиер Албин Курти.
„Овој договор, кој има цели параграфи и реченици кои се преземени по моделот на двете Германии, сепак е само основен договор, а не правно обврзувачки договор, што ни треба“, рече Курти.
Вели дека не може да има конечен договор без меѓусебно признавање. Според Курти, како што пренесува Бета, во преамбулата има пет реченици.
„Во преамбулата се споменуваат националните малцинства, но што ќе се прави со оваа фраза зависи од политичките случувања и од натамошниот преговарачки процес. Како што кажувам уште од септември, овој предлог дава добра основа за понатамошна дискусија и солидна платформа за да се оди напред. Не го одбив предлогот, но реков дека ќе можеме понатаму да разговараме по оваа основа“, рече Курти.
Србија негодува околу овој предлог. Во српското Собрание за малку ќе имате тепачка кога се дискутираше за косовското прашање.
Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил рече дека германско-францускиот план треба да се спроведе до крајот на годината, а Заедницата на српски општини да се формира до летото.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека следен пат ќе оди во Брисел кога ќе биде „испорачана Заедницата на српските општини“, јави Бета.