
КРИВИЧЕН РЕАГИРА НА ПРОТЕСТОТ: „Обвинетиот сам призна вина – пресудата не се менува со притисоци, туку на Апелација“
Основниот кривичен суд Скопје излезе со официјална реакција по повод најавениот протест на револтирани граѓани поради пресуда за сообраќајна несреќа со смртни последици. Од Судот порачуваат дека го почитуваат правото на протест, но потсетуваат дека пресудата е донесена врз база на законски институт – признание на вина.
Судот појаснува дека висината на казната, која јавноста ја смета за мала, е директна последица на текот на постапката во која обвинетиот соработувал.
Во соопштението се истакнува дека постапката била транспарентна и дека обвинетиот, во присуство на својот адвокат, доброволно го прифатил делото.
Иако го признаваат правото на граѓаните да го искажат својот револт, од Судот се децидни дека јавните собири и обидите за притисок не смеат да влијаат врз независноста на судиите.
Од Судот потсетуваат дека единствениот легален пат за преиспитување на судска одлука е жалбата до повисокиот суд (Апелација), а не протестот.
На крајот, упатен е апел до учесниците на протестот за достоинствено и мирно однесување и почит кон институцијата.
