КРИЕ ЛИ НИКОЛОВСКИ ДУПЛЕКС СТАН ОД 180 КВАДРАТИ ВО ДАЈМОНД МОЛ? Одел ли на шишање во Крива Паланка со службен автомобил?
Пратеникот Љупчо Николовски не се појави во судница, зошто не знам, и не дојде со факти против фактите кои јас ги изнесенов на прес-конференција, а кои му нанеле душевна болка, рече денеска пред Граѓанскиот суд портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Тие факти се, дополни, дека додека Николовски беше министер во Владата и вицепремиер на Зоран Заев имало кусок од 2.000 тони жито во стоковите резерви, а потоа е набавена скапа пченица за стоковите резерви, како и дека е даден грант од 1,4 милион на фирмата на Заеви под име „Тргопродукт“.
– Денеска имавме еден граѓански судски процес, во кој поранешниот министер за земјоделие, шумарство и водостопанство, воедно и поранешен вицепремиер за борба против корупција во Владата на Зоран Заев и поранешен генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, упати барање за извинување до мене затоа што моите изјави му донеле душевна болка. Во барањето вели дека изјавите на една од моите прес-конференции биле неточни, поточно за кусокот на жито од Агенцијата за стокови резерви и за доделување на грант за фирмата „Тргопродукт“, попозната со брендот „Мамас“ на Заеви, од ИПАРД програмата вреден 1,4 милион евра – рече Манасиевски пред судот.
Наместо со факти да демантира, тој не дојде денеска на суд да каже дека моите тврдења душевно го повредиле и дека тој претрпел душевна болка, додаде Манасиевски.
– Љупчо, остави ја душевната болка на страна. Ти си политичар. Ако толку лесно душата ти е повредена, повлечи се од политиката. А ако сепак остануваш, тогаш дај факти дека на Заеви не си им дал 1,4 милион евра – рече Манасоевски.
Тој откри дека со тужбата Николовски доставил вешт наод и мислење за душевно страдање, психичка болка и нарушување на честа и угледот, изготвен од проф. д-р Стојан Бајрактаров, специјалист психијатар, судски вештак со лиценца.
– Има индиции дека тој негов наод е изготвен од човек кој бил член на СДСМ. Исто, д-р Бајрактаров повеќе пати бил донатор на партијата. Значи, докторот кој прави вешт наод дека лицето Љупчо Николовски бил душевно болен, односно страдал од моите прес-конференции, повеќе пати бил донатор на партијата СДСМ. И што е најважно, токму во времето кога генерален секретар на партијата е Љупчо Николовски. Поради ова сметаме дека има пристрасност. И дополнително, Бајрактаров бил именуван за директор на Клиниката за психијатрија во време кога Николовски беше министер за земјоделие – рече Манасиевски.
Тој го праша Николовски зошто не зел боледување ако прес-конференциите му предизвикале душевна болка и страдање и додаде дека, според неговото лично мислење, лица кои имаат душевна болка и страдање од прес-конференција, не само што не треба да се занимаваат со политика, туку не треба ниту да извршуваат високи државни функции, како што е функцијата пратеник.
– Еве го во моментите кога господинот Љупчо Николовски бил душевно болен. Гледаме како дава изјави на телевизија, оди на конгрес на неговата партија, гледаме како со актуелниот градоначалник на Крива Паланка се смеат и не сметаме дека е во душевно страдање – рече Манасиевски приложувајќи фотографии.
Тој упати и неколку прашања до Николовски.
– Би сакал да го прашам поранешниот вицепремиер за борба против корупција и поранешен генерален секретар на СДСМ, дали е точна информацијата дека од јавноста крие, поточно во имотниот лист, дуплекс стан од приближно 180 метри квадратни во Дајмонд мол? Доколку оваа информација е точна би сакал да го прашам поранешниот вицепремиер зошто крие вакви важни информации, од каде му се финансиски средства за таков луксузно наместен стан, и зошто, доколку е негов, не му е вметнат во имотниот лист – рече Манасиевски.
Тој упати уште неколку незгодни прашања.
– Дали се точни информациите кои стигнаа до нас од свиркачи, дека додека бил на висока владина функција ги злоупотребувал случајот службените возила на СОЗР да патува од Скопје до Крива Паланка и назад неколку пати во месецот само за да се шиша кај својот пријател Мартин Поцевски – праша Манасиевски.
Поцевски, додаде, потоа станал оветник во Советот на општина Крива Паланка од 2021 година до 2025 година
– Понатаму, дали е точна информацијата дека фирмата Лариком шпед, во сопственост на братот на Љупчо Николовски, Илија Николовски, имала зголемување од над 1.100% приход токму во времето на министерувањето на Љупчо Николовски, кој со своето претпоставувам влијание овозможил преку граничниот премин Деве Баир, пратките да ги презема фирмата на неговиот брат? Во 2018 година истата компанија имала приходи од 4,3 милиони денари, а во 2019 година приходите се 14,9 милиони денари, што значи дека отприлика за една година има раст од приходите за 10 милиони денари или раст на нето-добивка од 1.130 проценти. Нето-добивката од пола милион денари е зголемена на повеќе од 6 милиони денари. Еве, мене ме интересира и би сакал да дознаам од господинот Николовски како брат на вицепремиер добива зголемување од над 1.100% за само една година без некој да има влијание врз истото – рече тој.
Освен за бирмата на братот, доддаде Манасиевски, Љупчо Николовски треба да даде одговори и на прашањето за грантот на Тргопродукт.
– Дали грантот за фирмата Тргопродукт, вреден 1,4 милион евра од ИПАРД програмата е подарок за Заев и за Венко Филипче затоа што биле отпишани 2.000 тони жито? За истото ова го повикувам и Јавното обвинителство да испита, да истражи што се случило со житото, зошто е отпишано, и зошто за да се пополни дупката во стоковите резерви е купено жито во вредност повисока од таа што била на берзите? До очекување на одговорите од страна на Љупчо Николовски, се гледаме на следното рочиште – рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски пред Граѓанскиот суд.
.
Извор: plusinfo.mk