
Конечно најдоа купувач за банкротираната Силиконска долина банка
Сите депозити на банкротираната банка Силиконска долина ќе ги купи First Citizens Bank & Trust Co., објави во понеделникот Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC).
Според соопштението на FDIC, 17-те филијали на SVB повторно ќе бидат отворени денеска, додека First Citizens Bank & Trust Company соопштија дека клиентите на пропаднатата банка „треба да продолжат да ја користат својата сегашна филијала до понатамошно известување“.
Дополнително, штедачите на SVB автоматски ќе станат штедачи на First Citizens Bank & Trust Company.
Договорот вклучува купување на имотот на SVB од First Citizens за речиси 72 милијарди долари со попуст од 16,5 милијарди долари. Дополнително, 90 милијарди долари во хартии од вредност и други средства ќе останат во акредитација за отуѓување на FDIC.
„Ова беше значајна трансакција во партнерство со FDIC која треба да влее доверба во банкарскиот систем“, рече Френк Холдинг, извршен директор на First Citizens.
Заклучно со 10 март, SVB имаше околу 167 милијарди долари вкупни средства и 119 милијарди долари вкупни депозити.
First Citizens, со седиште во Рали, Северна Каролина, се смета како најголема банка во државата контролирана од семеен бизнис и е еден од најголемите купувачи на проблематични кредитори во последниве години.
