
Комисијата за проценка на штети од земјотресот во Битола земала илјадници евра, додека граѓаните добиле по 12 евра во просек
Четири години по силниот земјотрес што ја погоди Битола во јануари 2022 година, исплатата на отштетите за граѓаните едвај започнува, додека хонорарите за членовите на Комисијата за проценка на штетите веќе се целосно исплатени, покажуваат податоците на порталот „Отворени финансии“, објави СДК.МК.
Според информациите, седум лица, двајца експерти и пет општински административци, на 13 октомври 2023 година добиле вкупно околу 14.000 евра, или од 1.600 до 2.400 евра по член. Еден од експертите, градежен инженер, земал 151.039 денари (околу 2.500 евра), а друг, дипломиран правник, 135.000 денари (околу 2.200 евра). Административците добиле по 1.650 до 1.980 евра.
Според СДК.МК, членовите на Комисијата биле избрани за да ја проценуваат штетата на 2.342 решени предмети, а за секоја проценка добивале по 360 денари. Вкупно, Комисијата го завршила својот извештај на 35,69 милиони денари (околу 584.617 евра), кој бил испратен до Владата, но од Владата биле одобрени само 5% од отштетата, или 1.784.546 денари (околу 29.000 евра) за исплата на оштетените граѓани.
„За 2.400 оштетени битолчани од земјотресот се одобрени 5%, просек по околу 700 денари, а за Комисијата за процени на штета од земјотреси се потрешени милион денари за десетина души? Лоша математиката, ама гледам крепи Битола уште повеќе“, реагираше Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива Поинаку, претседателка на Советот во времето на земјотресот.
Како што наведува СДК.МК, средствата од државниот буџет биле префрлени на наменска сметка на Општината на 24.12.2024 година, но граѓаните својата отштета ја добиваат дури сега, по повеќе од една година. Општината го образложува доцнењето со погрешно доставени податоци од граѓаните.
Во јануари 2022 година, Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентар кај Лерин, северна Грција. Најсилниот удар имаше магнитуда од 5,6 степени според Рихтер, при што беа оштетени училишта, градинки, Клиничката болница, станбени и други институции.

