
Колку потроши МНР за изнајмувањето ВИП возила за конференцијата на ОБСЕ?
Од можните максимални 930.000 евра, Министерството за надворешни работи за потребите на самитот на ОБСЕ кој се одржа во декември во Скопје, исплати речиси 600.000 евра за изнајмување на ВИП автомобили со кои се возеа делегациите на земјите членки на оваа организација.
МНР како организатор на настанот на крајот од минатиот месец и исплатил 35.176.652 денари на „АБЦ рент а кар Турс Скопје“ како единствен понудувач и добитник на тендерот за обезбедување на луксузни возила кои ќе ги задоволуваат дипломатските критериуми.
Организаторот на конференцијата не одговори на нашето прашање дали ова е единствената предвидена исплата од рамковниот договор со операторот потпишан во октомври минатата година а со важност од четири месеци..

Во договорот кој беше склучен со единствениот понудувач кој се јави на тендерот, „АБЦ Рент“ требаше да обезбеди 175 возила – најголем дел од нив автомобили кои ќе се користат од седум до осум дена. Станува збор за Рамковен договор за изнајмување лимузини и минибусови за потребите на ланската конференција на ОБСЕ во Скопје.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека прво ќе се користат државните возила, а ќе се изнајмат толку возила колку што ќе биде потребно. Спецификациите за типот на возила кои се потребни ги одредува самата ОБСЕ и дека тоа е на товар на државата. И самиот во една прилика рече дека високата цена на изнајмување се должи на тоа што ќе треба да се бараат возила од странство, но и дека е можно конкурентите меѓусебно да се договориле само еден оператор да учествува.

– Јас очекувам дека повеќе од половината ќе ги обезбедиме од институциите, затоа ова ни е рамковна спогодба. Значи, ние можеме само едно возило да искористиме, ако најдеме 99 отсто од институциите. Теоретски, може една или ниту една, јас немам обврска ниту една да платам. Но, што се случи, кога го испитувавме пазарот, информациите од комисијата беа дека може да има 4-5 агенции коишто можат да обезбедат (н.з. возила). Никој нема толку, но ќе обезбедат од цела држава, од регионот ќе соберат. И ние очекувавме дека ќе има 4-5 понуди и, на крај, ги отвораат понудите – испадна една. Тука не е мое да испитувам дали тие го поделиле пазарот, дали се договараат меѓу себе за да не си конкурираат еден на друг – тоа не е работа на Министерството. Ние отвораме понуди, таа што е најповолна ја потпишуваме, рече Османи.
На СРЦ „Борис Трајковски“ – објект во кој беа пречекани 57 делегации од светот, му биле платени 300.000 евра за изнајмувањето на салата.
Фирмата „Еуровиа“ од Тетово која е еден од донаторите на ДУИ, веќе доби 1,8 милиони евра за да ја подготви салата за големиот настан, додека 120.000 евра ќе доби агенцијата за промоција на настанот. Пари се потрошија и за хотелско сместување на министрите и делегациите.
А.К.

