
Колинда се појави во Киев со украинска народна носија
Украина прослави 32 години независност. Екс хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ беше во украинската престолнина Киев облечена во украинска народна носија.
Таа неодамна на Украинците им испрати порака за поддршка во борбата против руската агресија, а сега откри дека го посетила главниот град на Украина.
Ова не е првпат Колинда да ја посети Украина. На крајот на април поранешната хрватска претседателка таму го прославила својот 55-ти роденден.
„Додека по мрачните ходници го пронаоѓав патот до безбедноста на засолништето, животите, иднината, надежите и соништата на децата, жените и мажите кои живееја на влезот број еден од зградата на улицата Комарова во Уман, ги распрсна руски проектил. Некој намерно ги избрал, ги таргетирал и ги убил. И тој некој мора да одговара за тоа. Се сеќавам колку го ценев животот кога поминунав време во хрватските засолништа. Но, ние толку брзо забораваме…“, напишала таа тогаш.
Инаку, Киев настојува да ги врати сите окупирани територии вклучително и Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година. Украина добива воена помош од западните земји за да се одбрани од руската агресија.
На Денот на независноста на Украина, Русија во градот Днепар изврши напад, при што загина едно лице, а 16 луѓе беа повредени.
