
КОЛАПС ПРЕД ПРАЗНИЦИТЕ: Скопје заглавено, нервозни возачи и километарски редици
Скопје попладнево наликува на паркинг на отворено. Главните сообраќајници низ градот се обоени во „црвено“, а возачите го губат трпението во речиси неподвижни колони кои се протегаат низ целото централно градско јадро.
Според податоците од сообраќајните мапи, најкритична е состојбата околу Бит-пазар, Булевар Никола Карев (Пластичарска улица) и клучните сообраќајници кај Транспортниот центар. Хаосот не го заобиколува ниту строгиот центар – движењето кај Камениот мост, околу ГТЦ и Собранието е сведено на минимум.
Социјалните мрежи се преплавени со фотографии и видеа од нервозни возачи. „За три километри ми требаа повеќе од 40 минути“, коментира еден скопјанец заглавен кај Градската болница.
Дополнителен проблем создаваат и редовните тесни грла кај Чаир и Гази Баба, каде што сообраќајната инфраструктура очигледно не може да го издржи притисокот на зголемениот број возила во попладневните часови.
Надлежните апелираат на трпение и почитување на сообраќајната сигнализација, а на возачите им се препорачува, доколку се во можност, да ги избегнуваат централните градски улици и да користат алтернативни правци низ периферните населби.
