
КОЧАНИ ДОБИ НОВ ЦЕНТАР ЗА МЕНТАЛНА ПОДДРШКА Девет психолози ќе работат со повредените од трагедијата

Повредените од кочанската трагедија и нивните семејства добија нова точка за поддршка. Во Кочани денес официјално почна со работа регионалниот Центар за ментално здравје и психо-социјална помош на Црвениот крст. Центарот веќе ги прима првите корисници, а ќе овозможи континуирана професионална психолошка грижа за сите погодени од пожарот и за пошироката заедница.
Министерот за здравство Азир Алиу ја посети новата установа, нагласувајќи дека целта е обезбедување долгорочна и доверлива поддршка за граѓаните кои се соочуваат со траума, загуба и емоционални последици.
– Центарот за ментално здравје ќе биде место за доверлива и безбедна грижа, со акцент на справување со траумата. Во првата фаза ќе работат девет психолози кои ќе обезбедуваат индивидуални и групни сесии, психоедукација и поддршка за волонтерите и вработените. Овој центар е пример како треба да изгледаат вакви објекти низ целата држава – изјави министерот Алиу.
Министерството за здравство, како што посочи Алиу, целосно стои зад проектот и ќе обезбедува континуирана поддршка, нагласувајќи дека менталното здравје е „подеднакво важно како и физичкото“.

Алиу информираше дека Центарот располага со обезбеден буџет од 150 илјади евра за наредните три години, донирани од Црвениот крст на Австрија и Србија, како и други партнери. Средствата ќе бидат насочени кон современа опрема, едукација и поддршка за стручниот кадар, со цел граѓаните да добијат најквалитетни услуги.
Министерот потсети дека државата од првиот ден ги покрива трошоците за лекување и рехабилитација на повредените во трагедијата во Кочани.
По болничкото лекување, повредените добија рехабилитација во Пониква, каде што им беше обезбедена 24-часовна нега, физиотерапија и психолошка поддршка, поддршка што сега продолжува во новиот центар.
– Нашата заложба е сите пациенти да ја добијат потребната здравствена заштита и соодветна психо-социјална поддршка – заклучи министерот Алиу.
.
