
Клоп суспендиран и парично казнет од ФА за коментарот за судијата Тирни!
Клоп ќе треба да плати 75 илјади фунти казна, а доби и суспензија во траење од два меча. Притоа, првиот меч стапува во сила веднаш и затоа ќе ја пропушти Астон Вила в сабота. За вториот меч казнет е условно и ќе стапи во сила ако го прекрши правилото Е3 од дисциплинскиот правилник на ФА.
Ова е последица на неговата изјава за „Скај спортс“ по натпреварот со Тотнем на 30 април, кој Ливерпул го доби со 4-3. По доцниот гол за победа на Диого Жота, Клоп славеше бурно во лицето на четвртиот судија, Џон Брукс, а главниот арбитар, Тирни дојде и му даде жолт картон, при што разменија неколку збора.
„Имаме историја со Тирни, навистина не знам што има против нас. Тој рече дека нема проблем, но тоа не може да е вистина. Начинот на којме гледа…не разбирам. Во Англија никој не мора да ги разјасни овие ситуација, а тешко е да се разберат. Тоа што ми го рече кога ми го даде жолтиот картон не е во ред“, рече Клоп за „Скај спортс“.
Сепак, во извештајот на ФА пишува дека по прегледаната снимка, судијата се однесувал професионално во обраќањето кон Клоп, а зборовите на Германецот го поткопуваат неговиот интегритет.
Ливерпул има уште два меча за играње до крајот на сезоната, со Астон Вила и кај Саутемптон, а се наоѓа на петтото место, со еден бод помалку од Манчестер јунајтед и од Њукасл, кои имаат и еден натпревар плус за играње.