
Келн ја прекина серијата на Чаби Алонсо од два и пол месеца без пораз! (ВИДЕО)
„Фармацевтите“ го отворија ова 31. коло со пораз од 1-2 од Келн, а сите голови беа постигнати во првото полувреме. Екипите, главно, си ги користеа првите сериозни шанси кои им се укажуваа. Зелке го отвори резултатот во 14. минута со гол со глава, а Леверкузен возврати во 28. минута преку Французите Дијаби и Адли, првиот со одлична асистенција, вториот со реализација. Зелке со вториот погодок, во 36. минута ја смести топката под пречка и го врати водството на Келн.
Леверкузен се обидуваше да се врати, шанси имаше и гостинот, но резултатот остана докрај 1-2 за Келн. Ова е прв пораз за Леверкузен по 14 меча вкупно, од нив девет во Бундеслигата, со шест победи и три ремија. Остана на 48 бода, на шестото место, барем додека Волфсбург кој има два помалку, не го одигра својот меч од ова коло. Келн е десетти со 38.
Вечерва играа и Мајнц и Шалке, а победија гостите со гол во 103. минута, за конечни 3-2. Со овие три бода Шалке, барем привремено, излезе од зоната за испаѓање со 30 бода, два повеќе од првиот во неа, Штутгарт.
