
Касами: Намалувањето на бројот на советници нема етничка основа
Градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето Беса, Биљал Касами, денеска изјави дека намалувањето на бројот на советници во одредени општини нема етничка основа, како што тоа го претставува албанската опозиција.
– Ова прашање не треба да се гледа низ етничка призма. Албанската опозиција се обидува да го користи за дневнополитички цели, но факт е дека општините со мнозинско македонско население изгубија повеќе советници отколку општините со албанско мнозинство. Затоа апелирам до Уставниот суд побрзо да се произнесе, бидејќи влегуваме во изборен процес и не би сакал да се доведе во прашање легитимноста на изборите, рече Касами.
Тој побара од политичките партии и институциите да не ја злоупотребуваат оваа тема.
– Уставниот суд веќе има јасен став врз основа на резултатите од последниот попис. Очекувам институциите да постапуваат по тие одлуки. Би било добро Судот да биде поагилен и своите одлуки поврзани со изборите да ги донесува навреме, за да не се повтори ситуацијата со претходни одлуки кои беа донесени по изборите и дополнително ја комплицираа имплементацијата, нагласи Касами.