
Израел по мундијалско полуфинале ќе игра и европско, им се придружи и Шпанија
Израелците до полуфиналето дојдоа по триумф на пенали со 4-3 против ко-домаќинот Грузија, откако немаше голови во регуларното време и по продолженијата, па така израелскиот фудбал сега потврдува за неверојатниот напредок што го имаат со младинските категории, по што во близка иднина најголем ќар ќе треба да има сениорската селекција за следните предизвици и настапи на големите натпреварувања.
Израелците на Мундијалито во Аргентина, СП за играчи до 20 години освоија бронза и импресионираа со настапот, а сега за неполн месец играат второ полуфинале, овојпат на Европското првенство за фудбалери до 21 година.
Шпанија, пак, со гол на Серхио Миранда во 103-та минута обезбеди место меѓу најдобрите четири по триумфот со 2-1 во 120 минути против Швајцарија, откако претходно Серхио Гомез во 68-та минута донесе пресност, а Швајцарија преку Зеки Абдоуни во судиското надополнување се избори за продолженија.
Израел во полуфиналето го чека подобриот од пресметката на Англија и Португалија, а Шпанија за полуфинален противник го чека подобриот од Франција и Украина, двата меча кои утре се играат во оваа четвртфинална фаза на ЕП во Романија и Грузија.

