
Ивановска: За Анѓушев уште во 2019 година поднесовме иницијатива за разрешување, Владата рече дека нема судир на интереси
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска вели дека уште во 2019 година до Владата поднеле иницијатива за разрешување на тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев поради одлуката за намалување на Царината од 15 на 0 отсто на литиумските батерии.
Според неа, на ова од Владата добиле одговор оти не станува збор за судир на интереси.
„Уште во 2019 година за Анѓушев дадовме иницијатива за одговорност, односно за негово разрешување од Владата затоа што утврдивме состојба на судир на интереси, бидејќи тој сам учествувал во креирањето и донесувањето на одлуката за намалување на царината од 15 на 0 отсто на литиумските батерии кои всушност ги увезува неговата фирма. Меѓутоа, во рокот од 60 дена, колку што има Владата да не извести што презела по нашата иницијатива, не известува дека тоа не е судир на интереси“, рече вечерва Ивановска во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.
