ИВА МИХАИЛОВА Е ПРАВЕН, А НЕ ЗДРАВСТВЕН ПРОБЛЕМ Клековски во Софија наишол на разбирање кај колешката Ивкова
Со министерката за здравство на Бугарија Катја Ивкова постигнавме премолчена согласност дека прашањето за Ива Михаилова не е здравствено прашање, туку е прашање од доменот на правдата, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Обвинетата Ива Михаилова, која има и македонско и бугарско државјанство, на 11 октомври избега од Македонија и се наоѓа во Софија, каде што веќе има бугарски адвокат. Против Михаилова во Кочани е во тек судење во кое таа е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици.
– Постигнавме премолчена согласност дека прашањето со И.М. не е здравствено прашање, туку прашање од доменот на правдата, бидејќи лицето е бегалец од правдата и се бара со меѓународна потерница. Бидејќи е прашање на правдата, а не здравствено прашање, не го разгледувавме – рече министерот, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови 100 амбулантни возила во Скопје.
Клековски вчера беше во Софија, каде со министерката за здравство на Бугарија, Ивкова, го потпишаа Планот за соработка меѓу двете министерства за периодот 2026–2028 година.
Министерот рече дека по извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) поврзан со случајот со докторот Иван Барбов и неговата пациентка Михаилова, дополнително побарал надзорот да се прошири на здравствените установи каде е третирана во меѓупериодот.
– Веќе во оваа фаза има констатирани прекршоци и побаран е стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот – додаде Клековски.
На 23-годишната Ива Михаилова ѝ се суди за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици за што и се изречени мерки за безбедност, одземање на патните исправи и забрана за патување.
Во несреќата и таа добила тешки повреди на рбетот, поради што бараше да замине на лекување
во Софија, тврдејќи дека во Македонија нема услови за такво лекување. Таа и нејзиниот адвокат на 11 октомври пребегнаа во Бугарија. За бугарските медиуми изјавија дека границата ја преминале преку официјален граничен премин и дека македонските полицајци ги пуштиле да поминат.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека Михаилова не ја напуштила легално Македонија.
.
Извор: plusinfo.mk