ИТНО ПОВИКАНИ ВО БЕЛАТА КУЌА – шефовите на најважните технолошки гиганти да реферираат за вештачката интелигенција
Денеска Белата куќа ќе биде домаќин на шефовите на најважните технолошки компании кои развиваат вештачка интелигенција (ВИ) за да разговараат за ризиците поврзани со оваа технологија.
На состанокот ќе присуствуваат извршниот директор на Google, Сундар Пичаи, извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, извршниот директор на OpenAI Сем Алтман и извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, пренесува Reuters.
Шефовите на технолошките компании ќе бидат примени во Белата куќа од потпретседателката на САД Камала Харис и други американски претставници, меѓу кои и советникот за национална безбедност Џејк Саливан.
– Сакаме отворена дискусија за ризиците во сегашниот и идниот развој на вештачката интелигенција, изјави висок функционер во Белата куќа кој сакаше да остане анонимен.
Тој смета дека прво мора да се надминат ризиците поврзани со вештачката интелигенција за да се искористат придобивките од оваа технологија.
– Оваа идеја е наша ѕвезда водилка, заклучи високиот функционер.
Генеративните системи за вештачка интелигенција како ChatGPT се голем технолошки хит, при што милиони корисници почнаа да ја користат технологијата, што предизвикува страв од злоупотреба.
Поддржувачите на оваа технологија веруваат дека овие системи можат да обезбедат медицински дијагнози, да пишуваат скрипти и официјални писма до судот, како и софтвер за дебагирање.
Песимистите стравуваат дека развојот на вештачката интелигенција ќе доведе до зголемување на бројот на дезинформации и „deepfake“ манипулации.
(Танјуг)