
Иран повторно го промени бројот на жртвите во експлозиите во Керман
Иранските служби за итни случаи повторно го коригираа бројот на жртвите во вчерашните разорни експлозии во градот Керман , во близина на гробот на генералот Касем Сулејмани. Откако најпрво беа пријавени сто и три смртни случаи, нивниот број потоа се намали на 95 , а еден ден по експлозиите, податоците се веќе за 84 загинати и 284 повредени, јави ДПА.
Новите бројки денеска ги објави државната новинска агенција ИРНА, која го цитираше шефот на националниот итен медицински центар Џафар Миадфар. Конфузијата во бројот на жртвите ја објасни со состојбата на телата.
Експлозиите го потресоа Керман до местото каде што голем број луѓе се собраа вчера на комеморативна церемонија по повод четвртата годишнина од смртта на влијателниот ирански генерал Касем Сулејмани, кој ги предводеше силите Кудс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда. Тој беше убиен во 2020 година во напад на американско беспилотно летало во близина на аеродромот во Багдад – главниот град на соседен Ирак.
Иранската влада ги нарече експлозиите „терористички напад“, а врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи вети „остар одговор “. Германскиот канцелар Олаф Шолц и Европската унија за возврат ги осудија нападите како „терористички чин“. Засега остануваат непознати и мотивот и сторителот.

