ИНВЕСТИТОРИ НАВАЛИЈА НА АКЦИИ НА „ГРАНИТ“, ВЧЕРА ПОМИНА УШТЕ ЕДЕН БЛОК – кој купува?
Блок трансакција со вкупна вредност од над 43 илјади евра со акциите на градежниот гигант „Гранит“ помина вчера преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
За однапред познат купувач беа продадени 1.609 акции на „Гранит“, по цена од 1.650 денари за акција.
На вчерашното редовно тргување, пак, беше постигната цена од 1.692 денари за акциите на оваа домашна компанија, а беше истргувана количина од 40 акции.
Инаку, со акциите на „Гранит“ ммногу често се објавуваат блок трансакции, а таа акција е и една од најтргуваните на Македонската берза, што значи дека важи за посакувана хартија од вредност за инвеститорската јавност.
Пред само неколку дена, на пример, како што пишуваше Фактор, во блок трансакција се продадоа 2.000 акции, по цена од 1.630 денари за акција, што значи дека купувачот на овие акции платил нешто над 53.000 евра.
Според профитабилноста, Гранит со чиста добивка од 2,3 милиони евра, се најде на одличното 17 место од речиси стотина котирани акционерски друштва, за периодот од првите девет месеци од годинава, а според рангирањето направено од Македонската берза.
Добивката на Гранит за првите три квартали од годинава е повисока за 29 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Во моментов, најголеми акционери на Гранит се Зоран Милковски, кој поседува 9,8 отсто од акциите на компанијата, Ивана Милковска-Симева, со 9,31 отсто, самата компанија Гранит чува сопствени акции од 9,81 процент од капиталот, и Бард Коп ДОО од Нов Белград располага со 5,06 отсто од капиталот на компанијата.
Н.Н.Ф.