
Инспекторатот за труд констатирал серија пропусти во постапките за вработување во М-НАВ
Без образложение, зошто некои работници се ангажирани, а други кои исто така ги исполнувале условите отпаднале од трката, Македонска навигација направила серија пропусти во постапките за вработување. Ова го утврди вонредниот надзор на трудовата инспекција. Под лупа беа ставени четири јавни огласи за вработување.
Во извештајот е нотирано дека работодавецот не доставил писмен доказ за спроведено интервју со кандидати, а барал и да исполнуваат услови кои не биле предвидени во самата систематизација.
„Работодавецот без основ ги поништил одлуките на четворица кандидати за работните места студент-инженер и студент-техничар и покрај тоа што можел да спроведе законска постапка за вработување и во фискалната 2024-та година“, стои во соопштението.
Прекршувањето на законот ќе го чини М-НАВ 600 евра, додека одговорните лица се казнети со по 400 евра глоба, велат од Инспекторатот.
Анита Димитријевска – Велковска