
Хрватска „пукна петарда“, Шкотите газат сѐ пред себе, еден и вреден за Португалија (ВИДЕО)
„Коцкестите“ во Риека одиграа моќно и дилемите околу победникот ги решија уште во воведната третина од првото полувреме по головите на Петковиќ во втората и на Иванушец во 13. минута. Првиот пред заминувањето на одмор погоди уште еднаш, а Крамариќ во 68. минута и Пашалиќ десет минути подоцна го поставија конечниот резултат. Овој триумф ги остави Хрватите во позиција на главни фаворити за првото место во групата, особено по изненадувачкото реми на Турција дома против Ерменија (1-1).
Најпријатното изненадување во овој циклус, селекцијата на Шкотска продожува да гази се пред себе, па со триумфот на гостувањето кај Кипар (3-0) остана непоразена со пет победи од исто толку средби. Голема победа со голот на Бруно Фернандеш пред крајот на првото полувреме оствари и Португалија, која триумфира кај Словачка, еден од директните конкуренти за пласман на првите две места кои водат за следниот континентален собир.
На останатите вечервашни средби, БиХ го совлада Лихтенштајн (2-1), а Луксембург беше подобар од Исланд (3-1).
