
ГРАДСКИОТ ВОЗ СТАНУВА РЕАЛНОСТ Почнати градежните работи, следи целосна модернизација

Почнати се градежните работи за Линија 1, односно т.н. градски воз, проект вреден 360 милиони денари, кој предвидува целосна реконструкција и надградба на постоечката железничка траса.
Како што информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски, реализацијата на проектот ќе овозможи побезбеден, побрз и поефикасен железнички сообраќај.
Дополнително, премиерот нагласи дека изградбата на брзата пруга на Коридор 10 останува еден од стратешките приоритети на Владата.
– Преку Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се обезбедени средства за капитални проекти со кои ја поставуваме железницата таму каде што ѝ е местото – како клучна врска меѓу Балканот и Европа. Ова не се изолирани проекти, туку системска обнова на железничкиот сектор, инвестиција во економијата, екологијата и европската иднина на државата. Железницата повторно ја враќаме на шините на развојот – со план, одговорност и јасна визија за модерна, поврзана и силна Македонија“, истакна Мицкоски пред потпишувањето на Договорот за заем со ЕБОР во вредност од 20,9 милиони евра, со кој е предвидена набавка на електрични локомотиви за ЖРСМ Транспорт.
Според премиерот, железницата мора повторно да стане двигател на извозот и логистиката, а не тесно грло за економијата.
– Посебно важен е еколошкиот аспект. Со фокусот на електрични локомотиви, се движиме кон нула емисија на загадувачки материи. Ова е директен придонес во борбата против аерозагадувањето, во заштитата на животната средина и во развојот на чист, модерен и одржлив транспорт. Во услови на енергетска транзиција, железничкиот транспорт станува клучен фактор за ефикасен, конкурентен и еколошки одржлив систем – подвлече Мицкоски.
На потпишувањето на Договорот со ЕБОР во Владата присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
.
