
ГРАДЕЖНИШТВОТО ВО РИКВЕРЦ: Големо намалување на одобренијата за градба, еве ги најновите податоци
Драстичен пад на бројот на издадени одобренија за градење забележа Државниот завод за статистика при последната анализа на одобренијата за градба.
Имено, како што објави ДЗС, во текот на месец јули годинава биле издадени 280 одобренија за градба, што е дури 33,6 проценти помалку отколку во текот на истиот месец минатата година.
За споредба, во текот на месец јуни биле издадени 242 одобренија, при што имало пад во вкупниот број на издадени одобренија за дури 12,6 отсто во споредба со истиот месец претходната година.
Како што појаснува ДЗС, според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4.147.120 илјади денари,
што е за 33,2 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година.
– Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 134 или 47,8 отсто се наменети за објекти од високоградба. Додека 89 или 31,8 проценти за објекти од нискоградба и 57 или 20,4 отсто за објекти за реконструкција.
Од вкупно 280 објекти, на 139 или 49,6 отсто како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 141 или 50,4 проценти инвеститори
се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 218 станови, со вкупна корисна површина од 25.615 метри квадаратни – се наведува во соопштението на ДЗС.
Со ова всушност продолжува треднот на намалување на градежната активност во земајва. Во вториот квартал од годинава овој сектор имаше најголем пад, од дури 21,8 проценти.
