
Горд на своето потекло: Лука Стоикос со ликот на Св. Климент под дресот на ЗОИ во Милано
Додека официјалниот настап на четворицата македонски рекреативци на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина помина незабележително, вниманието го украде еден друг спортист со македонско потекло – Лука Стоикос.
Настапувајќи за втората екипа на Канада во боб-четирисед (20. место), Стоикос гордо ги истакна своите корени. Под скијачкото одело, тој постојано носеше маица со ликот на Свети Климент Охридски, светецот кој го смета за свој заштитник.
Неговата врска со Македонија е длабока – неговото семејство се долгогодишни донатори и активисти во македонската црква во Торонто.
„Иако се натпреварувам за Канада, јас сум горд на моето потекло и чувствувам дека ја претставувам и македонската заедница“, изјави Стоикос.
Покрај него, македонска трага на овие Игри остави и хокеарката Кристин дела Ровере. Иако настапи за Италија (земјата на нејзиниот татко), таа е внука на основачите на познатата радио програма „Обединета Македонија“ во Торонто, Драгица и Мицко Димовски.
