ГО УЗУРПИРАЛЕ ШУМСКИОТ ЧЕКАН СО ПЕЧАТ ЗА КРАДЕЊЕ ДРВА Кривична за референт во шумско стопанство и негов соучесник
СВР Охрид поднесе кривични пријави против две лица поради сомневање за несовесно работење во службата и кражба, откако било утврдено дека чекан за жигосување дрвна маса бил предаден на лице кое потоа транспортирало огревно дрво без соодветна документација.
Според информациите од полицијата, првопријавениот, 44-годишен жител на селото Ботун, општина Дебрца, вработен како референт за превоз во Шумското стопанство „Галичица“, постапил спротивно на службените обврски и му го предал чеканот за жигосување на второпријавениот, 45-годишен жител на Битола.
На тој начин, според пријавата, му овозможил да го користи печатот при сеча и обележување на дрвна маса, без соодветна контрола на потеклото на дрвата и без издавање испратница за нивниот транспорт до магацински склад.
На 26 септември годинава, полициски службеници го затекнале второпријавениот во близина на селото Црвена Вода, во општина Дебрца, како со товарно возило „сканиа“ со битолски регистарски ознаки превезува 14 просторни метри огревно дабово дрво без соодветна документација.
Дрвната маса била одземена и предадена на претставници на Шумското стопанство „Галичица“. Против двете лица се поднесени кривични пријави, а за нивната одговорност ќе одлучуваат надлежните институции.
.
Извор: plusinfo.mk