
ГЛЕЧЕРИТЕ БРЗО СЕ ТОПАТ: Ледените брегови во Швајцарија исчезнуваат!
ГЛЕЧЕРИТЕ во Швајцарија се стопиле во последните две години колку и во три децении, од 1960 до 1990 година! Имено, тие изгубиле десетина од својот волумен, а причината се екстремните временски услови предизвикани од климатските промени.
Малите врнежи од снег во зима и многу високите температури во лето доведоа до намалување на обемот на глечерите за 10 отсто минатата и оваа година, покажа студијата на група експерти одговорни за проучување на криосферата во рамките на Швајцарската академија за природни науки.
– Ако топењето на глечерите продолжи со темпото на последните години, тешко е да се предвидат последиците – вели Матијас Хус, еден од авторите на студијата. – Во последните години видовме толку силни промени во климата што е сосема возможно да се замисли оваа земја без глечери. Решението би можело да биде стабилизирање на климата со намалување на емисиите на јаглерод диоксид на нула и што е можно побрзо.
Топењето ги зафати сите алпски земји каде има околу 1.400 глечери кои ги хранат езерата, реките и потоците. Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) објавен минатата година, топењето на мразот и снегот е една од десетте главни закани што глобалното затоплување ги создаде за човештвото.
