
Георгиевски: Францускиот предлог беше победа, не пораз!
Поранешниот премиер и сегашен претседател на ВМРО-Народна, Љупчо Георгиевски, изрази зачуденост од ставот на сегашните македонски власти кои се противат на „францускиот предлог“ за евроинтеграција на земјата.
„Пред нас е еден предлог од Европската унија, кој го нарекуваме ‘француски предлог’, многу јасен и прецизен, и не знам зошто се оди контра него“, рече Георгиевски во интервју за порталот „Рацин“.
Тој посочи дека овој предлог де факто ја поништува ригидната бугарска политика, која претходно се темелеше на ставот дека до 1945 година македонските граѓани биле Бугари, а од 1945 година – Македонци. „Многу малку се обрнува внимание во Македонија дека ‘францускиот предлог’ ја поништи таа идеја. За него се гласаше и во бугарскиот парламент, и наместо тоа да се толкува како победа, ние го толкуваме како пораз“, истакна Георгиевски.
Тој критички се осврна и на сегашната македонска политика кон ЕУ и Бугарија: „Сега внесувањето на Бугарите во Уставот ни е проблем, протоколот ни е проблем, па дури и последните позиции што ги слушаме во изминатите месец-два. Ние сега наметнуваме услови на ЕУ ако сакаме да одиме понатаму. Сето тоа покажува дека оние кои се главни за нашиот пат кон ЕУ немаат сериозна политика за да се пробие оваа последна ставка и да започне финалната евроинтеграција, освен ако не се случува нешто зад кулисите што не го знаеме“, додаде Георгиевски.
