
ФОТО Советници со маици „Кој лажи тој и кради“ се појавија пред градоначалникот на Битола
„Кој лажи тој и кради“. Со ваков натпис денеска двајца советници од независната советничка група во Битола „Поинаку“ се појавија за време на изјава на градоначалникот Тони Коњановски.
„Маиците од времето на Двојче се враќаат во мода“, напишаа советниците на друштвената мрежа Фејсбук.
Ова следува откако на барање на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, Државниот инспекторат за локална самоуправа на 09.06.2023 извршил вонреден инспекциски надзор во Општина Битола, за работата на Советот и именувањата и разрешувањата на членовите во управните и надзорните одбори.
По направената анализа, до градоначалникот било доставено известување од решението со опомена за постапување доставено до Претседателката на Советот на општина Битола.
Според информациите во решението, опомената на Претседателот на Советот се изрекува за неправилности при донесените решенија за разрешување на членовите во Управните и надзорните одбори на ЈКП „Водовод“ Битола, „Комуналец“ Битола, „Изградба и одржување на јавен простор“, „Пазари“ Битола, „Жабени“ Битола, „КИЦ“ Битола. Неправилностите се однесуваат на непочитување на одредбите од член 17 ѓ и 26 а од Законот за јавни претпријатија.
