
ФОТО „НЕ МОЖЕМЕ ДА ДИШЕМЕ!“ – Револтирани граѓани со блокада бараат итно решение за Вардариште
Десетици револтирани граѓани, претежно жители на скопската општина Аеродром, денеска повторно ја блокираа клучната раскрсница меѓу булеварите АСНОМ и Србија, во знак на протест против неподносливата смрдеа и загадувањето од дивата депонија Вардариште. Со ова, тие го реализираа вчерашното ветување за граѓански собири сè додека властите не понудат конкретно решение.
Сообраќајот на влезот во Скопје од кај мостот „Киро Глигоров“ беше во целосен прекин, создавајќи долги колони возила. Носејќи транспаренти и извикувајќи „Сакаме чист воздух!“ и „Доста е труење!“, граѓаните порачаа дека нивното трпение е при крај.
„Ова е неподносливо, три дена не можеме прозорец да отвориме. Децата ни почнаа на училиште во услови на екоцид. Не бараме ветувања, бараме итна реакција и трајно решение за овој децениски проблем“, изјави еден од присутните граѓани.
Револтот кулминираше по пожарот кој избувна на депонијата во неделата, а чиј густ чад и отровна миризба и денеска го покриваат источниот дел од градот, загрозувајќи го здравјето на илјадници жители.
Организаторите најавија дека блокадите ќе продолжат секој ден во 18 часот на истата локација. Тие порачаа дека нема да се откажат сè додека не добијат цврсти гаранции и не видат конкретни чекори од страна на Град Скопје и надлежните институции за конечно затворање и целосна санација на дивата депонија која со години претставува еколошка бомба за главниот град.
