
ФОТО: Државното знаме на половина копје кај Ист Гејт
Државното знаме на Македонија е на половинка копје на кружниот тек кај трговскиот центар Ист Гејт. На фотографиите кои ги направи екипа на 4NEWS.mk се гледа како знамето не е прописно поставено или пак поради некои причини не е на врвот од јарболот.
Знамето според закон се подига и спушта, истакнува и симнува, односно пренесува, со вообичаени почести (станување, поздравување и друго). При истакнувањето, знамето не смее да допира до ништо што се наоѓа до или под него. Кога знамето е спуштено, ниеден негов дел не смее да го допира подот или било кој друг предмет. Кога знамето се вади од јарболот и се става на чување, треба да се свитка уредно и на церемонијален начин.
Знамето не смее да се употребува:
• како драперија, завеса или прекривка;
• свиткано во форма на венец или набрано;
• како украс на перници, марамчиња, салвети, кутии од хартија, долна облека или предмети кои веднаш по употребата се фрлаат.
Кога знамето се истакнува на јарбол се истакнува меѓу изгрејсонце и зајдисонце, а може да биде изложено и дваесет и четири часа дневно под услов знамето соодветно да биде осветлено за време на часовите кога е темно. Знамето треба да се подига динамично, а спушта бавно и церемонијално.
При подигање и спуштање на знамето сите присутни се во став мирно, со лицето свртени кон знамето, сѐ додека знамето не биде одврзано од јарболот, односно ако се свири химната, сѐ додека не биде отсвирен последниот тон на музиката. Машките лица кои носат и каков и да е вид шапка, истата треба да ја симнат. Лицата во воени униформи поздравуваат војнички.
На половина копје
Истакнувањето на половина копје на знамето што се истакнува на јарбол се врши така што знамето за момент се подига до крај, а потоа се спушта на позиција што се наоѓа на половина пат од врвот до долниот крај на јарболот. Пред да сe спушти сосема, знамето уште еднаш се подига до врвот.
