ФИЛИПЧЕ ИМ ПОРАЧА НА СОПАРТИЈЦИТЕ ОД ИНИЦИЈАТИВАТА 12.05 ДА СЕ ВРАЗУМАТ Не е добро да се ситни опозицијата, вратата за обединување е отворена
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги обвини поранешните функционери на партијата кои се иницијатори на демократската платформа 12.05 дека нивните дејствија воопшто не се со добра намера, туку се водени од лични и од финансиски интереси во соработка со актуелната власт.
Филипче посочи дека на сите членови вратите во партијата им се отворени за дебата и за обединување, но одбивањето да влезат во внатрепартиска дискусија ги потврдува сомнежите дека ова движење има цел да ја ослаби опозицијата.
Лидерот на СДСМ изнесе обвинувања дека дел од иницијаторите се директно финансирани од владејачките структури.
– Како може да се коментира поинаку освен дека се платени од власта, кога еден од тие луѓе – поранешниот генерален секретар на партијата, Никола Ќуркчиев, односно фирмата која тој ја претставува, добила тендер од 1,6 милион евра од државна фирма? Во ова време кога сè е централизирано, се знае кој одлучува за државните тендери – изјави Филипче.
Според него, невозможно е да се зборува за искрени намери кога истовремено се одбива поканата за дијалог во партијата, а се остваруваат бизнис-интереси со власта.
Филипче предупреди дека раситнувањето на опозицискиот блок е веќе виден модел кој ги пресликува методите на српската владејачка партија СНС.
– Ние сме демократска партија, нека кажат луѓето што сакаат. Јас најмногу сакам да верувам дека тие имаат добра намера, меѓутоа со своите чекори и постапки покажуваат дека немаат. Ќе повторам отворена е вратата. Не е добро ситнење на опозицијата. Овој модел сме го виделе во Србија. Раситнета опозицијата сега не може да се соберат. Тоа е целта. Тоа е манирот – рече Филипче.
Тој потсети на формирањето на ЗНАМ, кое според него доведе до поделба на гласовите на СДСМ и директно му овозможи победа на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, за потоа ЗНАМ да се приклучи кон власта.
Лидерот на опозицијата повика на свесност и нагласи дека во оваа политичка ситуација во прашање е ставена иднината на државата, а не само партискиот интерес.
– Нека се вразумат! Не е во прашање само СДСМ, туку иднината на државата. Вака ако се остави да владее арамиската група на Христијан Мицкоски, лошо се пишува на секој еден којшто тука живее. Ги повикувам да ги споиме силите и заедно да се избориме – додаде Филипче.
.
Извор: plusinfo.mk