
Фактор анализа: Кои се најголеми софтверски компании и колку заработуваат нивните програмери?
Пишувањето кодови е топ бизнис на нашата сегашност. Дигиталната доба во која живееме креира бизнис клима во која програмерите се неопходни, а според тоа и одлично платени. Тоа го докажува и нашата анализа според која просечните бруто плати на програмерите во најголемите седум софтверски фирми изнесуваат од 1.600 до 3.000 евра. Тие растат од година во година! Може да се гордееме дека во острата конкуренција на нашиот пазар на пишувачи на кодови , две од трите македонските автохтони компании се најпрофитабилни!
Пишувањето кодови е одличен бизнис, веќе признат и етаблиран, а воедно и работа со голем потенцијал за раст. Особено сега во дигиталното доба во кое живееме. Македонија на овој план вопшто не заостанува зад технолошки развиениот свет. Да нема забуна, мислиме на водење бизнис, а не на дигитална писменост на населението.
Анализата на тригодишни податоци што ја направи „Фактор“ покажува дека Македонија има голем број компании кои глобално се конкурентни на пазарот на производство софтвер и пишување кодови. Нашите програмери се конкуренти на светскиот пазар на труд, а на нашата земја и носат значајни приходи од извоз на памет односно од производтво и продажба на софтвер на глобалниот пазар.
Нашата анализа издвои седум најголеми компании за производство на софтвер меѓу кои три се доминатно поседувани од домашни програмери, а пет се регионални, континентални или глобални брендови.
Заедничко за сите седум најголеми компании е тоа што во периодот од три години (2020 – 2022 година) нивниот бизнис континуирано расте и тоа со извонредни стапки на раст на приходите. И ова треба да не радува сите што живееме во Македонија затоа што директно или посредно ги уживаме бенефитите од оваа силна и брзо растечка индустрија.
Најголем играч на програмерскиот пазар во Македонија е скопската филијала на „Сеавус“, компанија која е покрената во сега веќе далечната 1999 година. Сега работи во 10 држави, со седиште во шведска, а пред две години купена од чешка „Арикома“. Во последните три години „Сеавус“ има приход од 66,5 милиони евра и профит од 10,9 милиони евра. Лани во Македонија компанијата ангажирала речиси 600 вработени. Просечната бруто плата за минатата година во „Сеавус“ била 2.390 евра месечно. Стапката на раст на приходите на „Сеавус“ во периодот 2020 – 2022 година е над 70 отсто.

Втора на ранг листата е македонската подружница на глобалниот програмерски бренд „Нетцетера“ со седиште во Швајцарија. Освен што е една од најголемите на нашиот пазаер се одликува по тоа што најдобро ги плаќа своите вработени во програмерството – дејноста која секако сама по себе важи за една од најдобро платените.
За лани просечната бруто плата по вработен во скопска „Нетцетера“ изнесува 2.987 евра по вработен. Компанијата во периодот 2022 – 2020 година има стапка на раст на приходи од 56 отсто.

Прочуената израелска софтверска компанија „Ендава“ успешно работи на нашиот пазар безмалку десетина години. Втор најголем вработувач на нашиот програмерски пазар, кој лани ангажирал 425 вработени, а просечната бруто плата била 2.587 евра по вработено лице. Приходите на македонската филијала на „Ендава“ во периодот 2020-2022 година растат со стапка повисока од 60 отсто.
„Интерворкс“ од Битола е македонското програмерско чудо! Зошто? Затоа што е домашно создадена и поседувана компанија која има највисока ставка на профитабилност во оваа конкуренција на најголемите софтверски компании. Во периодот 2020-2022 година остварила речиси 6 милиони евра добивка на приход од 23,3 милиони евра. Стапката на профитабилност е 25 отсто.
„Интерворкс“ во оваа конкуренција е компанија која има најмали трошоци по вработен. Нивната бруто плата за лани е 1.585 евра по вработено лице.
За нијанса поголем раст од битолската има скопската компанија „Аксапта Мастер“ која исто така е домашно поседувана и е создадена од тројца скопјани од еснафот програмери. Оваа фирма за три години има највисока профитна маргина, а битолски „Интерворкс“ го јаде само за 0,7 отсто. Лани вработувала 177 лица, остварила приход од речиси 10 милиони евра, а просечната бруто плата била 2.481 евро по вработено лице.
Во групата најголеми програмерски фирми е и, веројатно најпознатата домашно поседувана, скопска компанија Некстсенс. Тригодишниот приход надминал 20 милиони евра, а стапката на профитабилност е речиси 12 отсто.
Во групата најголеми софтверски компании е и бугарската програмерска компанија „Мусала“ именувана по највисокиот планински врв на Балканот кој се наоѓа на планината Рила во Бугарија. Програмерите од скопската филијала на “Мусала“ лани имале просечна бруто плата од 2.500 евра месечно, а компанијата за три години продала услуги и софтвери во вредност од речиси 15 милиони евра.
Р.Ф.

