
ФАКТОР АНАЛИЗА: Какви економски сили се Иран и Израел, колку извезуваат, што произведуваат, кому должат и колку трошат за војските?
Израел е светско економско чудо лидер за производство на апликативен софтвер за комерцијални и воени цели. Економија која создава „ 58.000 +“ долари по глава на жител. Израел е држава која, по САД и Кина, има најмногу фирми во најпрестижниот светски индустриско-технолошки берзански индекс НАСДАГ (NASDAQ). Израел има БДП од 560 милијарди долари. Има јавен долг поголем од 350 милијарди долари и трговски дефицит од 30+ милијарди долари. Најголем трговски партнер му е САД. Лани Израел за својата армија и нивните операции од централниот буџет потрошил повеќе од 46 милијарди долари.
Иран е опозит на Израел. Огромен, но изолиран од демократскиот свет. Има стапка на инфлација од речиси 40%, а каматите се над 20%. Тоа е цената на изолацијата. Иран е втора најголема економија на Блиски Исток (по територија и по број на жители) и држава која е втора во светот по резерви на нафта и гас кои можат комерцијално да се експлоатираат. Предводен е од верски лидер кој е алфа и омера за сите државни прашања. Ајатолахот Хамнеи и Ердоган се прават лом на јазик, но по алаш-вериш се верни другари, покажуваат бројките за трговската размена. Иран годишно создава само 5.600 долари по глава на жител. На својата армија лани потрошил 7,9 милијарди долари. Негов најголем трговски партнер е Кина, а таму извезува огромни количини нафта и гас. Увезува најмногу пченка и соја за да го храни своето 86 милионско население. Иран должи само 4,4 милијарди долари, а својот долг за 15 години го намалил за 24 милијарди долари. И има трговски дефицит на ниво на статистичка грешка.
Најновите страшни случувања на Блискиот исток никого, што макар и малку разбира економија и геополитика, не го оставаат рамнодушен. Крвните, непомирливи душмани олицетворени во водачите на Израел и Иран го започнаа нивниот крвав пир гаѓајќи се меѓусебно со хиперсонични балистички проектили без да марат за цивилни жртви кои, за жал, ги има и на двете страни. Цивилите во Иран и во Израел се повеќе време поминуваат под земја, скриени во бункери заради непресметливоста на нивните политички лидери. Како тргнале да се обезличуваат и осветуваат за кратко Неатанјаху и ајатолахот Хамнеи целосно ќе ги пеплосаат две од трите најголеми економии на Блискиот исток.
Што знаеме за светското економско чудо Израел од кое се плаши цел арапски свет?
Израел по светските економски стандарди важи за многу високо развиена отворена економија со демократско политичко уредување. Израел има 10 милиони жители кои живеат на површина од 20.770 квадратни километри*. Израелската економија во светот е позната по производство на софтвери за комерцијална и особено воена индустрија, но и како светска економско-технолошка сила во светот на телекомуникациските уреди. Воедно оваа економија е позната и призната по силна и иновативна агро-индустрија, по обработка и трговија со дијаманти, а ја следи најдобар глас како инкубатор на најуспешните старт-ап техонолошки компании.
За тоа колку е силна израелската индустрија доволно говори фактот дека Израел, по САД и Кина, е трета земја според бројот на компаниии кои се дел од листата на најсилниот светски индустриски берзански индекс НАСДАГ (NASDAQ) кој е поставен на најголемата светска берза во Њу Јорк.
Израел по својата дигитализација е меѓу првите во светот. Израел е единствена држава која има високо-софистициран технолошки пандан на Силиконската долина во Калифорнија, САД и се вика „Силикон Вади“.
Многу е важно да се истакне дека Израел е воена економија со осбена ескалација на воените трошоци во последните година и половина. Според податоците јавно достапни на https://tradingeconomics.com/israel/military-expenditure воените расходи на израелскиот централен буџет експоненцијално растат по крвавиот напад на „Хамас“ врз кибуците во близина на границата на Израел со окупираната територија Газа на 7 октомври 2023 година. Воените расходи на Израел во 2023 година изнесувале 27,5 милијарди долари, а во 2024 година се зголемени на 46,5 милијарди долари и тоа е рекордно ниво на воени буџетски расходи од основањето на Израел во 1948 година. Од безбедносен аспект е важно да се нагласи дека Израел е единствената воена сила со нуклеарен потенцијал на Блискиот Исток. Дополнително секоја година Израел добива донации во пари и воена опрема од САД вредни десетици милијарди долари.
БДП на Израел во 2023 година изнесува 564 милијарди долари што значи дека БДП по глава на жител надминува 58.000 долари, според официцијални податоци.Оваа година е земена во анализата затоа што е последната мирнодопска година на израелската економија (од октомври 2023 година Израел е во отворен конфликт прво со „Хамас“ во Газа, потоа со Сирија и Либан, а сега и во најголемиот воен ривал Иран).
Во структурата на економијата на Израел најголемо учество имаат технолошките компании (производство софтвери, високо технолошки компоненти за цивилна и особено воена индустрија) со 35% од целиот БДП. Производството на стоки и материјали учествува со 20%, туризмот со 15%, а финансискиот сектор и земјоделството со по 10%. Учеството на сите останати економски сервиси е 10%.
Карактеристично за изралската економија е тоа што има меѓу највисоките даночни стапки во светот.
Најголеми пет израелски компании според пазарната капитализација (листани за светски берзи) се: „Чек Поинт Софтвер“ (Check Point Software) вредна 23,7 милијарди долари, „Банка Леуми“ (Bank Leumi) вредна 23,33 милијарди долари, „Елбит Системи“ (Elbit Systems) вредна 21,34 милијарди долари, „Банка Хапоалим“ (Bank Hapoalim) со пазарна капитализација од 20,77 милијарди долари, „Тева фармациска индустрија“ (Teva Pharmaceutical Ind.) со 19,6 милијарди долари.
Јавниот долг на Израел изнесува 370 милијарди долари и претставува 68% од БДП. Израел има трговски дефицит во 2023 година во вредност од 24,4 милијарди долари. Израелската стапка на невработеност во 2023 година изнесува 6%.
Вкупниот увоз во Израел во 2023 година изнесува 91,3 милијарди долари. Израел во 2023 година најмногу увезувал од Кина. Најголемата светска економија во вкупниот израелски увоз учествува со 17%. Следуваат САД со 12%, Германија со 7%, Турција со 6% (што го потврдува само опортунизмот на Ердоган кој во секој момент јавно го критикува Израел) и Италија со 4%.
Извозот на израелските компании во 2023 година им донел 66,9 милијарди долари. Што се однесува до извозот САД е неприкосновено на првото место како конзуматор на израелскиот извоз. Таму завршуваат 29% од целиот извоз на Израел. Кина е на второ место со 10%, Ирска е трета со 6%, а во првите пет се Хонг Конг и Германија каде завршиле по 4 отсто до израелските извозни продукти.
Извор на статистички податоци за Израел е www.statista.com
* во територијата се вклучени и окупираните територии: Западен брег, Голанска висорамнина и Источен Ерусалем; (извор е„Британика енциклопедија“)
Наследникот на најголемата светска цивилизација Персија: колкава е економијата на Иран и каква е нејзината структура?
Иран е втора најголемата држава на Блискиот Исток според територија и според население.Распослана е на површина од 1,65 милиони квадратни километри со повеќе од 85 милиони жители.
Од економски аспект најважно за Иран во светски рамки е тоа што е втора најголема држава според потврдени количества резерви на нафта и природен гас чија експлоатација е економски исплатлива.Очекувано најголема извозна гранка на Иран е нафтата и природниот гас. Од извозот на овие два енергенси доаѓа 82% од целиот ирански приход од извоз.
Најголем извозен партнер на Иран е Кина која апросбира 36% од целиот извоз на Иран. Втор е Ирак во кој Иран пласира 25% од извозот, е трета е Турција во која Иран извезува 18% од своите стоки.
Извозот на Иран лани изнесувал 66,7 милијарди долари. Според јавно достапни податоци за структурата на извозот од Иран единствено се достапни за 2022 година во која нивниот извоз бил 81 милијарди долари. Во неа најголемо учество има извозот на нафта и природен гас кој учествува со 45,6 милијарди долари пред извозот на железо и челик со 6,5 милијарди долари и извозот на пластични маси и материјали со 5,8 милијарди долари. Таа година извозот на продукти од органска хемиска индустрија изнесува 4,3 милијарди долари, извозот на вештачко ѓубриво е 2,9 милијарди долари, а извозот на бакар е 1,8 милијарди долари. Во таа година Кина купила 40% од иранскиот извоз, Ирак 13%, во ОАР завршиле 11%, а во Турција 10%.
Најголем извоз на нафта од Иран е регистриран во 2022 година и тој изнесувал 55,4 милијарди долари. А во однос на извозот од 2021 година пораснал за 17 милијарди долари.
Иран лани го намалил својот државен долг за 700 милиони долари и во 2024 година тој изнесува 4,4 милијарди долари. Многу важен факт за Иран е што со години наназад е фокусиран да го намалува неговиот државен долг. Така од 2007 година до сега успеал да го намали за 24 милијарди долари.
Лани увозот во Иран изнесува 69,3 милијарди долари што укажува дека државата има многу низок трговски дефицит. Традиционално, најголема увозна стока во Иран е храната и тоа пред се пченка и соја. Според најнови податоци за 2022 година за увоз на храна државата потрошила 8,5 милијарди долари. Други најголеми ставки се увозот на машини, нуклеарни реактори и бојлери и за тоа се платени 7,5 милијарди долари. За електрична и за електронска опрема Иран во 2022 година платил 7,14 милијарди долари. За увоз на возила и делови за возила биле платени 2,8 милијарди долари. Во таа 2022 година најголем увоз во Иран имало од Обединетите Арапски Емирати (ОАР) и тоа 18 милијарди долари, пред Кина со 15,6 милијарди долари и Турција со 6,1 милијарди долари.
извор https://tradingeconomics.com/iran/exports
Висока концентрација на извоз во мал број земји е резултат на долгогодишните остри и исцрпувачки санкции кои западните земји му ги наметнаа на Иран пред се заради политичкото уредување на неговото општество. Поточно Иран теокрација односно општество во кое целата политичка и воена моќ е во рацете на верскиот водач од шиитска провиниенција – ајатолахот Хамнеи.
Поради тоа Иран има многу висока стапка на инфлација и таа изнесува 39% во мај 2025 година. Каматната базична стапка е 23%, а последната стапка на невработеност е на ниво од 7,2%.
Иран иако е во голема мерка државно контролирана економија има своја берза за хартии од вредност. Најважниот берзански индекс се вика ИТСМИ (TEDPIX) и годинава бележи рекордно највисоки ценовни нивоа во период од десет години нананзад.
Иранскиот БДП во 2023 година изнесува 404 милијарди долари. Тоа е над 5.600 долари по глава на жител или 10 пати помалку од БДП „пер капита“ на Израел.
Во структурата на иранскиот БДП, можеби изненадувачки, но не е доминанто производството на нафта и природен гас. Доминантни се услужните дејности на кои отпаѓа 51% од БДП. Но кога се има во предвид дека Иран има над 85 милиони жители и нема чудење зошто услужниот сектор е доминантен. Во структурата пак на услужниот сектор најголемо учество имаат недвижностите заедно со другите специјализирани и професионални услужни дејности со по 14%. На дејностите на ресторани и хотели отпаѓаат 12% од услугите, а на јавниот сервис 10%. Производството на нафта придонесува со 23% во јавното добро. Производството и рударството со 13%, а земјоделството учествува со 10%. Произвоството на постројки за водоснабдување, производство на струја и гас учествува со 7% во иранскиот БДП.
Буџетските плаќања за потребите на војската и одбраната на Иран лани изнесуваат 7,9 милијарди долари и се поголеми за половина милијарди долари од претходната 2023 година.
Кои се најголемите компании во Иран?
Автомобилска индустрија, банкарство, петрохемиска индустрија и експоалација на нафта и природен гас. Во овие сектори работат најголемите ирански компании. За жал не успеавме да дојдеме до податоци за нивните пазарни вредности, само податоци за годишни продажби, а ова се компаниите: Иран Кодро и Саипа се најголеми производители на возила во 86 милионскиот Иран. Иран Кодро Аутомотив има годишни приходи од продажба вредни 6,8 милијарди долари. Најголема банка е Банк Мели (државна комерцијална банка) која воедно е најголема иранска компанија според приходи и тие изнесуваат 9 милијарди долари. Во групата најголеми се уште Персиан Банк (годишни приходи од продажба вредни 6,7 милијарди долари) и Тејарат Банк (годишни приходи од продажба вредни 6,5 милијарди долари). Гадир Инвестмент Компани е најголем управувач со инвестициски фондови кој поседува и финансиски институции. Неговиот годишен приход надминува 7 милијарди евра. Иран има силна петрохемиска индустрија. Најголема компанија е Калије Фарс Петрохемикалс со годишен приход од 8 милијарди долари. Државната компанија за експлоатација на нафта и гас Персиан Оил анд Гас Компани има годишен приход од продажба вреден 6,4 милијарди долари. Најголемата иранска рафинерија за нафта Бандар Абас Рафинерија има годишна продажба вредна 5,9 милијарди долари.
https://addisababa.mfa.gov.ir/en/generalcategoryservices/9458/iran-at-a-glance
https://www.amanewyork.org/resources/what-are-the-top-iranian-brands-iranian-brand-experts-insight/
Р.Ф.