
Европски град се подготвува за руска инвазија: Се копаат ровови, поставени бункери и засолништа
Поради географската близина со Русија, градот е во неповолна положба. Се наоѓа токму на границата со непријателот, а само еден мост ги дели од опасноста.
Сместен токму на границата со Русија, естонскиот град Нарва е идеална локација за рускиот претседател Владимир Путин во случај на инвазија. Двете земји ги дели само еден мост и реката Нарва.
Населението е поделено. Некои членови на руската заедница во градот имаат носталгија за советското минато, додека други се плашат од воените амбиции на Москва.
Во светло на потенцијален напад, естонските цивили минуваат низ воена обука и се подготвуваат за секое можно сценарио.
Во Нарва дури 95 отсто од населението зборува руски. По падот на Советскиот Сојуз, тие можеа сами да избираат пасоши и можност слободно да патуваат во Русија. Границата остана отворена, но многу добро чувана.
Некои од жителите не кријат за што се залагаат. „Живеам во Естонија, но сум руски државјанин. До 1991 година живеевме без никакви граници и сите беа среќни“, изјавил еден жител за Франс 24.
Постарите Естонци кои зборуваат руски велат дека им недостасуваат деновите кога земјата припаѓала на советскиот блок. Тие се малцинство овде, но тоа може да биде доволно за Путин.
„Можно е тој да ја искористува ситуацијата на жителите на овој регион што зборуваат руски за да ги унапреди своите интереси“, рече друг човек.
На мостот кој служи како граничен премин меѓу двете земји, естонската полиција е на готовност. Во просек, околу 2.000 луѓе дневно ја минуваат границата. Полицајците додаваат дека никогаш не разговараат со руските колеги.
„Не е наша работа да разговараме со нив“, додаде офицерот.