
Европската Унија денеска соопшти дека ги продолжува за една година санкциите против Белорусија
Европската Унија денеска соопшти дека ги продолжува за една година санкциите против Белорусија „поради континуираната репресија спроведувана од режимот на претседателот Александар Лукашенко и неговата поддршка за војната која Русија ја води во Украина“.
Санкциите се продолжени до 28 февруари 2024 година, објави Европскиот совет, тело кое ги претставува 27 земји-членки на ЕУ.
Во Минск денеска беше побарана казна од 19 години затвор за белоруската противничка на режимот во егзил, Светлана Тихановска, на која од јануари и се суди во отсуство.
Од август 2020 година, ЕУ воведе серија санкции против одговорните за политичка репресија и кршење на човековите права во Белорусија.
На Лукашенко и на уште 194 луѓе блиски до режимот им е забранет влез во ЕУ, а нивните средства се замрзнати.
Дополнително, санкционирани се 34 правни субјекти и забранети се сите европски финансирања.
Белорусија, исто така, е предмет на насочени економски санкции, вклучувајќи ограничувања во финансискиот сектор, трговијата, стоките со двојна употреба, телекомуникациите, енергијата и транспортот.