
Зеленски рече дека Украина очекува одговор од Западот на нападите со руски беспилотни летала
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја очекува силен одговор од Западот на нападите со руски беспилотни летала.
„Очекуваме одговор, сериозен. Работиме на одговор. Итно е потребен силен одговор, пред се од САД, од Европа, од сите во светот кои го ставија својот удел во дипломатијата“, рече Зеленски во видео обраќањето доцна синоќа.
Тој рече дека партнерите на Киев треба да разберат дека таквите напади не се насочени само кон украинските цивили, туку и кон сите меѓународни напори да се стави крај на војната што започна во февруари 2022 година.
Тој рече дека само притисокот ќе ја принуди Русија да склучи мир, додавајќи дека Москва ќе го потпише примирјето предложено од САД доколку има „вистински притисок“.
Изјавата на Зеленски дојде откако локалните власти во североисточниот украински регион Харков соопштија дека руските сили извршиле масовни напади со беспилотни летала врз административниот центар на регионот, при што загинаа најмалку две лица, а 35 други беа ранети.
Украинското воено воздухопловство рано утринава на Телеграм објави дека нивната противвоздушна одбрана соборила 65 од 111 беспилотни летала лансирани од Русија минатата ноќ.
Оштетени се воената болница и блиската станбена зграда во Харков.
Украинските региони Суми, Одеса и Доњецк беа цел на слични напади.