
ВИДЕО: Поради возраста, синот на Рамзан Кадиров нема да одговара за тепање затвореници
Синот на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров нема да биде под истрага за претепување на затвореник обвинет за палење на Куранот, бидејќи има само 15 години, објави рускиот портал База.
Како што пишува Ројтерс, самиот Кадиров изјавил дека е горд на својот син Адам бидејќи „се стекнал со возрасни идеали за чест, достоинство и одбрана на верата“.
На видеото кое се појави на социјалните мрежи, може да се види како млад човек удира со тупаници и клоца човек свиткан на стол, пред да го собори на подот и да го удри во главата.
Затвореникот Никита Зуравел се пожали на нападот кај комесарот за човекови права, кој рече дека случајот го проследила до колегите во Чеченија.
Тепањето не се случило во Чеченија, но руските инспектори рекоа дека го пренеле Зуравел таму, бидејќи чеченските муслимани се сметаат себеси за жртви на инцидентот со палењето на Куранот.
Рамзан Кадиров (47) е на чело на Чеченија од 2007 година, кога стана претседател, и е познат како верен сојузник на Владимир Путин.