
Трамп: „Не барам договор со ЕУ, одлучено е, царините се 50%“
Трамп како причина ја наведува стагнацијата во тековните трговски преговори и низата, според него, нефер практики на ЕУ.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот најави можно воведување царина од 50 отсто за сите стоки од Европската унија, наведувајќи ја стагнацијата во тековните трговски преговори и низата, според него, нефер практики на ЕУ.
„Нивните силни трговски бариери, ДДВ, смешни корпоративни казни, нетарифни бариери во трговијата, манипулација со валутата, неправедни и неоправдани тужби против американски компании и многу повеќе доведоа до трговски дефицит со САД од над 250.000.000 долари годишно, бројка што е целосно неприфатлива“, напиша Трамп во петокот на социјалната мрежа.
Откако тврдеше дека „преговорите со нив не одат никаде“, Трамп јасно стави до знаење: „Затоа препорачувам рамна царина од 50 проценти за Европската унија, почнувајќи од 1 јуни 2025 година“.
Зборувајќи подоцна истиот ден од Овалната соба, при потпишувањето на извршната наредба, Трамп дополнително ја разјасни својата позиција.
– Не барам договор. Договорот веќе го поставивме и тој изнесува 50 проценти – заклучи тој. Сепак, тој остави простор за флексибилност.
– Ако некој дојде и сака да отвори фабрика овде, можеме да зборуваме за мало доцнење – рече тој, нагласувајќи како членките на ЕУ „се обединија за да ги искористат предностите на САД“.
Сè уште нема официјален одговор од Брисел на изјавите на Трамп. Олоф Гил, портпарол на Европската комисија, одби веднаш да ги коментира пораките од Вашингтон, велејќи дека го чека крајот на разговорите меѓу европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ и трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир. Гил не наведе точен датум за разговорите.