
Судири меѓу Националната гарда и демонстрантите против мерките на Трамп за имиграција
Ескалација на тензиите во Лос Анџелес. Националната гарда се судри со демонстрантите. Насилството се случи откако градот почна да распоредува 2.000 припадници на гардата за да ги задушат демонстрациите против акциите како дел од мерките на Доналд Трамп против имиграцијата. Почнувајќи од петок, Службата за имиграција и царина започна со спроведување акции во Лос Анџелес.
Трамп ги опиша демонстрациите како „немири“. „ Има луѓе кои се насилни и ние нема да им дозволиме да се извлечат неказнето. Ќе распоредиме војници насекаде. Нема да дозволиме нашата земја да биде растргната како што беше под Бајден. Тие плукаа, ние удиравме. Им реков дека никој нема да плука по нашите полицајци. Никој нема да плука по нашата војска “, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Националната гарда испука гумени куршуми и солзавец кон демонстрантите, кои одговорија со палење автомобили и барикади. Демонстрантите блокираа еден од главните автопати на Западниот брег, Патот 101, во двата правци.
„ Ми се чини дека ова е намерен хаос. Разговарав со претставници на администрацијата на Трамп за да им кажам дека Полициската управа на Лос Анџелес може да ги контролира работите што се случуваат тука. И дека нема потреба од федерални трупи. Значи, ова е всушност само провокација тука и нешто што не е потребно во нашиот град “, нагласи градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го обвини претседателот дека ја распоредил Националната гарда „затоа што сака спектакл“ и повика на смиреност.