
СТРАВОТ СОЗДАДЕ ХАОС НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ПАЗАРИ, НАФТАТА СЕ ПРОДАВА ЗА СКОРО 94 ДОЛАРИ ПО БАРЕЛ: Трговците загрижени
Цените на нафтата
утринава се искачија над 93 долари на меѓународните пазари, бидејќи трговците
се загрижени поради сигналите од Израел за неизбежна инвазија на Газа, која би
можела да го прошири конфликтот на Блискиот Исток и да ги загрози резервите.
На лондонскиот
пазар цената на барелот вчера попладне беше повисока за 88 центи и изнесуваше
93,26 долари. На американскиот пазар барелот за испорака во ноември се тргуваше
за 95 центи поскапо.
Цените остро
осцилираа вчера бидејќи загриженоста за снабдување во врска со конфликтот меѓу
Израел и палестинската милитантна група Хамас беше накратко задушена од
најавата дека САД ќе ги олеснат санкциите кон Венецуела и ќе дозволат нејзината
нафта да се врати на светските пазари.
Вашингтон издаде
шестмесечна дозвола за трансакции со енергетскиот сектор на Венецуела, откако
владата во Каракас и опозицијата се договорија за избори во 2024 година. Но, на
Венецуела ќе и треба време да го зголеми производството, поради слабите инвестиции
во овој сектор.
Загриженоста за
испораките од Блискиот Исток повторно преовладуваше на крајот на годината, по
бранот протести во арапските земји, Иран и Турција поради нападот на болницата
во кој загинаа речиси 500 луѓе. Тел Авив најави копнена инвазија на Газа, а
израелскиот министер за одбрана Јоав Галант им рече на војниците во близина на
границата во четвртокот дека наскоро ќе ја видат палестинската енклава „од
внатре“, навестувајќи на неизбежна воена операција. Стравот од конфликт
дополнително беше поттикнат од најавата на Пентагон дека САД пресретнале ракети
истрелани од Јемен кон Израел преку Црвеното Море.
„Цените на
нафтата значително пораснаа од вчера поради индициите за неизбежна израелска
копнена офанзива во Појасот Газа. Во Лондон барелот се врати на 93 долари.
Сепак, ситуацијата со понудата досега не е променета“, пишуваат аналитичарите
на Комерцбанка.
Вашингтон планира
да купи шест милиони барели сирова нафта во декември и јануари за да ги пополни
исцрпените стратешки резерви, соопшти вчера Министерството за енергетика.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно извести дека барел
од нафтената кошница на нејзините членки во четвртокот падна за 83 центи,
односно на 93,63 долари.
ФОТО: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV