
САНКЦИИ КАКО ДА НЕ ПОСТОЈАТ: Приходите се зголемуваат – Русија заработила 100 милијарди долари од извоз на нафта и гас
ПРИХОДИТЕ од извозот на руска нафта и гас придонеле за буџетот на Русија со околу 100 милијарди долари оваа година, што е блиску до нивото на приходи забележани во 2021 година, пред конфликтот во Украина, објави рускиот вицепремиер Александар Новак.
Тој посочи дека повеќе од половина од вкупните приходи на Русија од извозот доаѓаат од енергетскиот сектор, нагласувајќи дека продажбата на нафта и гас обезбедува стабилен приход за буџетот на земјата.
– Енергетскиот сектор на Русија придонесе со околу 27 отсто од БДП, додека приходите од нафта и гас сочинуваат речиси 57 отсто од вкупниот приход од извозот на целата наша земја – рече Новак.
Потпретседателот на Владата на Русија посочи дека половина од рускиот извоз на енергија годинава отишол во Кина, додека уделот на Индија се зголемил на 40 отсто за две години.
– Во меѓувреме, уделот на Европа во извозот на руска сурова нафта падна за 90 отсто во последните две години, од 40-45 отсто во 2021 година на околу четири до пет отсто оваа година – додаде Новак.
Како што додаде, многу земји се заинтересирани за купување руска нафта и нафтени деривати, вклучувајќи ги и латиноамериканските и африканските земји.
Руските енергетски компании беа принудени да го пренасочат снабдувањето со енергија во Азија, откако извозот во ЕУ се намали поради руските санкции и саботажата на гасоводот Северен тек.