
Првпат во Македонија: Систем за навигација при операции на ’рбетниот столб
На Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, за првпат во Македонија е инсталиран напреден навигациски систем за оперативно лекување на заболувања на ’рбетниот столб. Станува збор за високотехнолошка опрема што овозможува зголемена прецизност при интервенции, целосна безбедност и минимизирање на можноста за грешка при фиксација на рбетот.
Од Клиниката истакнуваат дека со користењето на овој систем не само што се поедноставува и унапредува самиот оперативен процес, туку истовремено македонското здравство се позиционира рамо до рамо со водечките светски центри во областа на рбетната хирургија.
„Станува збор за демо-систем кој ќе биде користен одреден временски период, со цел детално да се испитаат неговите капацитети и придобивки. Изразуваме голема благодарност до Владата на Република Македонија за поддршката и дозволата за внес на ваков вид роботизирана технологија за лекување на ’рбетен столб“, соопштуваат од Клиниката.
Според нив, со имплементацијата на вакви иновативни решенија, македонските клиники добиваат шанса да станат дел од светската мрежа на напредни здравствени установи кои нудат врвна неурохируршка грижа.