
Пратениците на Левица и СДСМ излегоа пред Собрание и молчеа пред гневот на родителите чии деца загинаа во Кочани, од ВМРО-ДПМНЕ не се појави никој
Пратеници од Левица и СДСМ попладнево се соочија со гневните родители кои за прв пат денеска маршираа и во Скопје барајќи правда, откако пред повеќе од еден месец беа убиени нивните деца во дискотеката која повеќе личи на штала.
Од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се појави никој, а координаторот на пратеничката група Никола Мицевски во процедурално обраќање на седницата на која на дневен ред е интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, рече дека Тошковски во 14.30 минути во МВР ќе прими дел од родителите чии деца загинаа во дискотеката „Пулс“.
Порано денеска во Јавното обвинителство со слики од своите деца на разговор влегоа дел од родителите. Тие се сретнаа со државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и тимот обвинители кои постапуваат во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска се сретнаа со семејствата на жртвите и ги информираа за досегашниот тек на истражната постапка. Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“, велат од ЈО.