
Пелистер се спаси од катастрофа, Работнички со лесна победа ја заврши годината
Ова беше убедливо најдобар натпревар на тимот од Градски парк сезонава и конечниот резултат не го отсликува реално односот на силите бидејќи Работнички во последната четвртина водеше со 96-63. Самарџиев потоа одлучи да им даде минутажа на помладите кошаркари во тимот, па Пелистер го искористи тоа и со серија од 21-0 се доближи на 12 поени негатива и се избори за пристоен пораз.
Претходно Работнички играше речиси перфектно, функционираа сите линии во тимот, како и шутот од дистанца и долго време екипата беше на над 50% успешност за тројка. За разлика од поранешниот шампион, Пелистер не личеше на екипата која во еден период ја имаше најдолгата победничка серија во првенството, По денешниот меч, двете екипи се израмнети на третата позиција, заедно и со Чаир, со биланс 9/4, а Работнички може да се пофали дека триумфираше во двата меча против Пелистер оваа сезона.
Најефикасен беше Декоси со 22 поена, Рикиќ додаде 15, а Трајс уште 14. Прво име на Пелистер беше Амар Хот кој го одигра својот најдобар натпревар сезонава, постигнувајќи 22 поена. Со овој натпревар заврши „есенскиот“ дел од сезоната во Првата лига и претстои пауза до 20 јануари.