
Љоренте го расплака матичниот клуб со гол во 94. минута: Атлетико извлече бод на „Бернабе“ (ВИДЕО)
Реал и Атлетико освоија по еден бод (1-1) иако домашниот тим до 94. минута беше во водство. Голот за предност на Реал го постигна Брахим Дијаз во 20. минута и се до крајот се чинеше дека „кралскиот клуб“ ќе освои исклучително важни три бода во борбата за шампионската титула.
На почетокот на второто полувреме Стефан Савиќ ја затресе мрежата на Реал, но неговиот гол беше поништен поради наводен офсајд на Саул. Сепак, во четвртата минута од судиското продолжение Маркос Љоренте, кој е производ на фудбалската школа на Реал и кој професионалната кариера ја почна во овој клуб, успеа да го совлада Лунин и да го израмни резултатот.
Реал сега има 58 бода, два повеќе од Жирона и осум од Барселона. Во следното коло, на „Бернабе“ се среќаваат токму екипите на Реал и Жирона и тој дуел може да биде од клучно значење во борбата за шампионската титула.