
НОВА КОЛА СИ Е НОВА, МАКЕДОНЦИТЕ САКААТ ДА ЈА ИМААТ – како „Аутомакедонија“ лани оствари приходи од 11 милиони евра
Зголемена и
стабилна добивка, пораст на приходите и контролирани трошоци, но и одлични
финансиски приходи. Вака накусо може да се опише работењето на еден од
најзначајните увозници на автомобили во земјава „Аутомакедонија“.
Да го погледнеме
Билансот на успех кој ова акционерско друшто го сподели со инвеститорската
јавност преку Македонскаѕта берза за долгорочни хартии од вредност.
Тој говори дека
„Аутомакедонија“ ја завршила 2024 година со чист профит од близу половина
милион евра, или прецизно 485 илјади евра, што е зголемување за 9 отсто во
однос на претходната 2023 година. Тоа го потврдува и самата компанија во образложението
кое го објавува заедно со нејзините финансиски извештаи.
Да го погледнеме
Билансот на успех на компанијата, тој зборува најдобро сам за себе.
Минатата година
во „Аутомакедонија“ се слеале 10,8 милиони евра како оперативни приходи, што е
одличен раст од дури 26 проценти во однос на претходната година. Речиси сите
овие пари се инкасирани од продажбата на возила, односно на име на приходи од
продажба се слеале 10,65 милиони евра, и сите тие се приходи од продажба на
домашниот пазар, што е и логично, и кај нив има зголемување за 27 проценти.
Кога беа објавени деветмесечните резултати за лани, од компанијата многу прецизно објаснија дека нивната добивка беше зголемена поради зголемена продажба на возила во комерцијалниот сегмент. Тоа значи дека Македонците лани „удриле“ на купување на нови возила, што се рефлектира во поголеми заработувачки кај компаниите кои работат во таа бранша.
Да ја погледнеме
расходната страна. Компанијата има оперативни расходи од 10,45 милиони евра, и
нивниот пораст е за 27 отсто. Најголема расходна ставка е набавната вредност на
трговските стоки, која изнесува 8,42 милиони евра, всушност набавната вредност
на возилата кои потоа се продаваат на македонскиот пазар, и каде има
зголемување за 34 проценти.
За плати и
надоместоци на вработените, пак, се потрошени 903 илјади евра, и тоа е раст за
6 отсто во однос на претходнатѕа година.
„Оперативни
приходи се зголемени за 26 отсто, при зголемена набавна вредност на продадени производи за 34 отсто, со стабилно ниво на трошоци за
оперативно работење со пораст од 1,4 отсто, во однос на 2023 година, што резултира со оперативна добивка
од 21 милион денари“, сто и во
образложението на компанијата.
Значи, оперативната добивка на ова АД изнесува 334 илјади евра, што говори за благо
намалување од 12 отсто во однос на претходната година.
Но, затоа тука на
помош дошле финансиските приходи, кои и донеле на „Аутомакедонија“ одлични 293
илјади евра, што е раст за цели 50 проценти. Од компанијата прецизно
објаснуваат како се заработени тие финансиски приходи.
„Финансиските приходи се зголемени
за 50 отсто во 2024 во однос
на 2023 како приходи од дивиденда од поврзани субјекти“, велат оттаму.
А, направени се и
финансиски расходи од 142 илјади евра, и нивниот раст е поблаг, за 12 проценти.
Од образложението на Билансот може да се види дека тие финансиски расходи
пораснале поради тоа што компанијата инвестирала, а за тоа требало да се земат
комерцијални кредити, кои, пак, носат и камати. Или, како што објаснуваат од
„Аутомакедонија“, „поради инвестиционата активност видлива преку пораст
на материјални средства од 36 отсто
финансирана од комерцијални кредити, финансиските расходи се зголемени за 12 отсто“.
Значи, после сите
овие ставки, и откако е платен корпоративниот данок од 10 отсто,
„Аутомакедонија“ на крајот на ланската година профитирала со 485 илјади евра,
што значи зголемување за 9 отсто.
Билансот на состојба, пак, како што велат од ова АД, бележи оптимизација на тековните
обврски во однос на тековните средства. Тоа се ефектуира во позитивен паричен
тек посебно од оперативни активности. Соодветната активност доведува до пораст
на капиталот за 8 отсто.
Друштвото во 2024 година не исплати дивиденда за акционерите.
Во моментов, според состојбата на ЦДХВ, поголеми акционери на
компанијата се Иванка Мојсова со 22,48 отсто од капиталот, Милан Ивановски со 14,66 отсто од акциите, како и трите деца за бизнисменот Светозар
Јаневски, односно Кирило, Драгана и Јане со по 6,78 отсто од акциите.
Јане Јаневски, син на познатиот бизнисмен Светозар Јаневски, стана
во јуни претседател на Управниот одбор на „Аутомакедонија“, заземајќи го
местото на Џон Кирил Јоновски.
Н.Н.Ф.