
На Исланд 800 земјотреси дневно, пукаат куќи и улици: „За минута станавме бездомници“
Вулканот Фаградалсфјал на полуостровот Рејкјанес во Исланд се заканува да еруптира, а метеоролошката служба вели дека веројатноста за вулканска ерупција е голема и може да се случи во секое време во наредните денови.
„Времето истече. Можеме да се подготвиме за неколку стотици години ерупции на Рејкјанес“ – изјави Едвард Маршал, истражувач од Нордискиот вулканолошки центар на Универзитетот во Исланд, пренесува Daily Mail.
Регионот е погоден од повеќе од 800 нови земјотреси од полноќ, а експертите предупредуваат дека магмата се доближува до површината на земјата, што ги поттикнува стравувањата од неизбежна вулканска ерупција.
Оние на кои им беше дозволено да се вратат во своите домови за да соберат некои работи, сега добија наредба да се евакуираат поради измерени високи нивоа на сулфур диоксид, што е уште еден показател за непосредна ерупција.
Низ социјалните мрежи се проширија сцени од уништени куќи и урнатини на патиштата.
Околу 4.000 жители беа евакуирани од Гриндавик во саботата наутро, неколку часа откако Исланд прогласи вонредна состојба.
Исландската метеоролошка служба во вторникот ја известила полицијата дека нивните нови истражувања откриле зголемено ниво на сулфур диоксид, поради што началникот на полицијата го евакуирал Гриндавик.
Бенедикт Офејгсон, геофизичар, рече дека иако откриената количина на сулфур диоксид не е голема, зголемувањето покажува дека магмата се приближува до површината.