
Мицкоски: Оваа година беше почеток на стабилизација после седум години уништувања
Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред Владата се обрати по повод 1 година од формирањето на Владата. Тој рече дека заедно сите може да се испише историја, после, како што кажа, седум години понижување.
„Гледавме како години наназад секој од нас губи надеж, но јас ви ветувам – тоа време е минато и само заедно можеме напред. Затоа што, сам човек може да направи разлика, но заедно, убеден сум, можеме да направиме историја. Заедно ги градиме темелите, камен по камен, за татковината што ќе ја препознаеме и ќе ја сакаме, за Македонија каква што ја заслужуваме и со која ќе се гордееме.
Кога ќе погледнам во очите на луѓето кои секојдневно ги среќавам, знам дека мораме да направиме сè што можеме за да имаат подобар живот. Така и ја гледам земјата – со љубов и одговорност. За тебе, за твоето семејство, за иднината што ја градиме заедно, за надежите кои не смеат да се изневерат.
Промените не се случуваат преку ноќ, но секој ден што вложуваме е чекор поблиску до земја со која ќе се гордееме. Не ветувам совршенство и чуда, туку ветувам искреност и упорност во секој чекор и борба за тебе и иднината каква што ја заслужуваш.
Ние не сме политичари што зборуваат од високо. Ние сме луѓе што живеат тука со вас, што чувствуваат ист страв и иста надеж. Затоа со труд и лојалност кон вас, ги градиме темелите на промените – искрено, чекор по чекор, со срце.
Оваа година беше само почеток, почеток на стабилизација и консолидација после 7 години на проблеми и уништувања, на разочарувања и изневерени очекувања и изгубена надеж. Заедно, чекор по чекор, ги поставуваме темелите за земја што ќе не обедини и ќе ни даде сила“, рече Мицкоски.
На овој говор реакција имаа од опозициската СДСМ. За нив говорот на Мицкоски е „целосно губење помеѓу неговите лаги и суровата вистина и реалноста.
„Денешното излагање на Мицкоски е уште една потврда дека тој целосно се загуби помеѓу неговите лаги од една страна, и суровата вистина – реалноста од друга страна.
Дали човекот навистина верува во тоа што го зборува или пак знае дека текстот кој го читаше е само празно слово на хартија и нема врска со реалноста, нема врска со тешкиот живот на граѓаните?
Кој е одговорот граѓаните сметаме дека многу добро знаат. Мицкоски одново ги повторуваше истите празни флоскули, во очаен обид мислејќи дека една лага, повторена доволно пати, ќе може да се претвори во вистина.
Не може да биде точно, ниту реално, тврдењето дека Македонија е четврта најсилна економија во Европа. Вистината е сосема спротивна.
Дури и Народната банка, со која раководи Трајко Славевски, ја ревидираше проекцијата за инфлацијата на околу 4% за оваа година, додека економскиот раст, според домашните институции, нема да надмине 3%. Тоа значи реален економски пад – ситуација полоша дури и од конфликтната 2001 година, кога Македонија оствари подобри резултати.
Податоците на Евростат јасно и недвосмислено покажуваат: Македонија е последна во Европа по животен стандард. Најниската плата и најмалата куповна моќ се реалноста со која секојдневно се соочуваат граѓаните.
Во услови на ваква социјална и економска криза, Мицкоски тврди дека долгот бил намален. Но фактите говорат спротивно – само за една година, Македонија потпиша нови задолжувања од 7 милијарди евра, а најавени се уште 700 милиони за наредната година. Тоа значи дека за две години, долгот ќе достигне 12 милијарди евра – тројно повеќе од вкупниот акумулиран долг на државата во изминатите 35 години.
Слоганите како „Најдоброто допрва доаѓа“ не можат да ја покријат суровата вистина – ако утрото покажува како ќе биде денот, Македонија со оваа власт ја чекаат уште потешки времиња“, велат од СДСМ.