
Македонија со трето највисоко ниво на емиграција на Балканот – 34% од населението живее во странство
Македонија се наоѓа меѓу водечките земји од Западен Балкан според обемот на емиграција – дури 34 отсто од вкупното население живее надвор од државата, покажуваат најновите податоци на Одделот за население на Обединетите нации (UNDESA). Со оваа бројка, земјата е веднаш зад Босна и Херцеговина (49%) и Албанија (44%), што укажува на сериозноста на демографските предизвици со кои се соочува регионот.
Иселувањето најмногу се одразува врз младата, работоспособна и образована популација, што дополнително го забрзува процесот на стареење на населението. Тоа, пак, има директно влијание врз економскиот раст, функционирањето на пазарот на труд и одржливоста на социјалните и пензиските системи.
Меѓу главните причини за ваквото масовно иселување се долготрајната политичка нестабилност, високата невработеност, ниските плати, како и недостигот на економски и професионални перспективи, особено кај младите генерации. Сето тоа ги тера граѓаните, најчесто семејства и млади лица, да ја бараат својата иднина во странство.
Дополнителен проблем претставува отсуството на прецизни и редовно ажурирани податоци за емиграцијата, поради непостоечкиот централен регистар на население и разликите во пописните методологии. Ова го отежнува креирањето на соодветни јавни политики и долгорочни стратегии за задржување на населението.
Иако овој тренд е присутен и во други земји од Балканот, експертите предупредуваат дека, доколку не се преземат брзи и структурни мерки, последиците за Македонија ќе бидат долгорочни и тешко надминливи. Стратешките приоритети, велат тие, треба да бидат отворање на квалитетни работни места, подобрување на животниот стандард и создавање на средина која ќе ги мотивира младите да останат и да ја градат својата иднина дома.